Наградниот фонд на годинашното изадние на Австралија опен ќе биде повисок за 13 отсто и ќе изнесува 59.1 милиони долари, објавија денеска организаторите на првиот сезонски грен – слем турнир кој почнува на 14 јануари во Мелбурн. -Го зголемивме наградниот фонд за секое коло на Австралија опен, со големи зголемувања во квалификациите и воведните рунди во поединечна конкуренција и во двојки. Клучно за продолжување на успехот на Австралија опен е најдобрите играчи во светот да добијат соодветен надомест, бидејќи знаеме дека тоа на тенисерите им овозможува инвестирање во сопствените кариери и во многу случаи им помага во остварување на успех во текот на целата сезона, изјави директорот на грен – слем турнирот во Мелбурн, Крег Тилеј. Настапот во првото коло на тенисерите ќе им донесе награда од 82.000 долари, додека победниците во машка и женска конкуренција ќе инкасираат по 2.1 милиони долари. Изминатата сезона наградниот фонд на Ролан Гарос изнесуваше 54.9 милиони долари, на Вимблдон 56.9, а на САД опен 65 милиони долари.