Нови коли за итна помош и вработувања во здравството низ целата држава, најави министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на новинарски прашања, по посетата на Поликлиника Чаир.
Седум од колите за итна медицинска помош, се донација од Европска Унија и треба да бидат промовирани во првите недели на јануари.
– Плус оние што кога дојдов во кабинет, ги имаме нарачано, ќе се потпише тендерот некаде во јануари, за 22 коли, појасни тој.
Тој нагласи дека интензивно ќе има нови вработувања од јануари, најголем број за медицински сестри, но и во брзата помош, секаде каде што има дефицит, така што малку ќе се амортизира тој дефицит од вработувања.
Министерот потсети дека вчера беше голем ден за тие вработени со договор на дело, а проектот опфаќа и специјализанти што имале приватни специјализации.
– Еден голем број од нив ќе вклопиме во овие вработувања во месец јануари.
После тоа, нема да ни требаат согласности од Финансии и како Министерство ќе почнеме со нова систематизација низ целата држава, таму каде што има потреба, ќе ги вклучиме овие готови кадри, многу битни за македонското здравство, рече Меџити.
Министерот рече дека при изборот на нови кадри, ќе се бираат најдобрите.
Тој соопшти дека првите десет лекови од новиот двоцифрен број на лекови на позитивна листа, што ги користат пациентите со хронични болести, ќе бидат вклучени некаде во првите недели на јануари.
Со тоа, нагласи, ќе се ревидира таа листа што не е ревидирана над 13 години.
Запрашан за рентген апарат во дефект во Градска, тој одговори дека веднаш ќе биде проверено и ќе биде информирана јавноста.