Во 2023 година продолжи руската агресија врз Украина. Украинските сили се обидоа да изведат контраофанзива, но неуспешно, Русија не освои ниту една нова позиција, а претрпе и силни загуби. Се случија зачестени напади на украински дронови на руска територија, а цел беше и самата Москва. Само во поледната недела од оваа година соборени се три руски авоини, нападнат е нивен десантен брод на Крим.
Поддршката од ЕУ и НАТО во вид на пари, оружје и техника кон Украина продолжи со несмален интензитет и оваа година, а ЕУ подготви и резервен план од 20 милијарди евра за Украина, во случај да треба да се заобиколи ветото на Виктор Орбан и Унгарија.
Се разгоре војната меѓу Израел и Палестина, откако Хамас изведе силен, изненадувачки напад на Израел на седми октомври, кога беа убиени и киднапирани над илјада Израелци.
Како одговор на тоа, Израел прогласи воена состобја, и тргна кон тотална офанзива влегувајќи во појасот Газа и подземните тунели што ги има градено и користено Хамас.
Од седми октомври до денес, убиени се над 20.000 луѓе во појасот Газа, меѓу нив и жени и деца, а над еден и пол милион лица се раселени.
Азербејџан ја презеде контролата во енклавата Нагорно Карабах откако преку интензивен напад и за 24 часа ги порази ерменските сепаратисти, кога беа убиени околу 600 лица. По ова, следеше етничко чистење на енклавата, кога сите, околу 120.000 жители на енклавата пребегнаа во Ерменија.
ЕУ сериозно работи на проширување на Исток, откако на декемврискиот самит беше одлучено да ги отвори претпристапните преговори со Украина и Молдавија, а на Грузија да и даде статус на држава кандидат. Статус на земја кандидат доби и Босна и Херцеговина, додека Македонија и Албанија се уште ги немаат започнато преговорите.
Властите во САД покренаа четири обвиненија против поранешниот претседател Доналд Трамп кој најави свое учество во претседателската трка на изборите во 2024 година. Американскиот Устав не дава јасни одговори за тоа како овие обвиненија ќе влијаат врз неговата евентуална кандидатура за претседател, но Врховниот суд во сојузната држава Колорадо, му забрани на Трамп да се кандидира за претседател, а Трамп нема да биде на гласачкото ливче на прелиминарните претседателски избори во сојузната држава Мејн.
Вештачката интелигенција (AI) направи историски пробив. Чат ГПТ беше апликацијата што го проби мразот и за брзо стана најпопуларна АИ апликација, но низ годината се појавија бројни апликации кои освен пишување помагаат и во креирање на фотографии, видео записи, монтажи, нараторство и сл.
Очекувањата се дека AI ќе стане секојдневие во многу области од живеењето, дека е можно да загрози многу професии но и да отвори многу нови работни места.