Денеска во касарната „Илинден” се организираше свеченост за прием на 150 нови професионални војници во редовите на Армијата на Република Северна Македонија. Оваа година во армијата беа примени вкупно 300 професионални војници, од околу 1.900 кандидати кои се пријавија на двата јавни огласи. Министерката за одбрана Славјанка Петровска на новопримените професионални војници им порача дека честа да се облече армиската униформа е голема и дека нивната цел од која никогаш не треба да се откажуваат е службата кон татковината.
„Голема е честа која ви е дадена да ја облечете армиската униформа, но уште поголема е обврската која ја добивате. Патот кој денес го почнувате не е воопшто лесен, но е благороден. Подгответе се за предизвици, искушенија, пожртвуваност, но никогаш да не се откажете од вашата единствена цел да и служите на Република Северна Македонија”, рече министерката на свеченоста.
Петровска истакна дека благодарение на посветеноста, професионалноста, но пред сè на љубовта кон татковината и личната пожртвуваност, денес Армијата е модерна, современа Армија во која припадниците не прашуваат зошто, и не бараат изговори, туку велат „веднаш” и дејствуваат.
„И во 2023 година беа забележани многу успеси на нашите армиски припадници, од учество во вежби, освојување медали, учество во мировни мисии, но и без колебање учество во спасувачки мисии. Да се биде војник, офицер или подофицер не е лесно, и токму затоа ги бираме најдобрите”, подвлече Петровска.
На конкурсот за прием на 150 професионални војници пријавени беа 1144 кандидати, што се должи на зголемувањето на стандардот на армиските припадници, условите за работа и развојот на Армијата.
На свеченоста присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменикот-министер за одбрана, Тирон Јајага.