Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и имаше обраќање на официјалното отворање на спортската сала „Наум Наумовски – Борче” во Општина Карпош, позната како сала „Партизан” .
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:
„Денеска со гордост го најавувам отворањето на култната спортска сала „Наум Наумовски Борче”, попозната како сала „Партизан” – спортската гордост на карпошани, која повторно ја заживуваме, во полн сјај.
Oвде може да се кажат многу работи а и не мора бидејќи сите може да се уверите тоа на каков квалитетен начин оваа сала од една руина со децении денес е една од поубавите сали, не само во Скопје, туку и во државата.
На почеток, сакам да изразам голема благодарност на сите оние со чија поддршка салата доби модерен лик и изгледа вака како што изгледа денес.
Тука би сакал да се заблагодарам, пред сè, на градоначалникот на Општина Карпош, но и на поранешниот градоначалник на Карпош, кој практично ја започна оваа идеја за реконструкција на салата, а сегашниот градоначалник успешно ја заврши заедно со Агенцијата за млади и спорт.
Благодарност и до Меѓународното здружение на граѓани Културно Ехо–Скопје, кои ја иницираа реконструкцијата на оваа спортска сала, кажав веќе Агенцијата за млади и спорт, нормално Министерството за финансии, секако администрацијата во Општина Карпош која ги обезбеди сите потребни услови за да може да биде извршена потребната реконструкција. Здружението на спортски ветерани и македонската спортска стрелачка федерација, да се заблагодарам и на француската амбасада во Скопје, секако и на изведувачот и надзорот кој работеа и кои што во рок до крајот на 2023 година ја завршија салата, а тоа е денес на само 2 дена пред 2024 година.
Благодарност и до архитектите кои го осмислија современиот изглед на салата и на сите други кои се заслужни за денешниот модерен лик на оваа сала, која од денеска ќе биде на располагање на сите љубители на спортот во Карпош и пошироко.
Спортската сала „Партизан”, беше донација на Франција по земјотресот и повеќе од 20 години претставуваше руина во овој дел од нашиот главен град.
Но, со заеднички напори успеавме да ја реновираме во целост, и нејзината надворешност, но и внатрешноста, за што беа издвоени над 1,1 милиони евра буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт.
Новите реновирани простории на салата создаваат можности повторно тука да се спортува, да се тренира гимнастика, кошарка, одбојка, карате, стрелаштво, но да биде и место за рекреација.
Дополнително, содржините ќе се збогатат со довршувањето на затворениот пливачки базен кој започна да се гради во септември годинава и кој е дел од Проектот „Изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија” и самите може да се уверите дека работите напредуваат со посакуваниот и планираниот интензитет.
Базенот ќе биде поврзан со топла врска со спортската сала, за што издвојуваме финансии од Владата во износ од 760 илјади евра, повторно преку Агенцијата за млади и спорт.
Спортската сала „Партизан” заедно со затворениот пливачки базен ќе претставуваат современ спортски комплекс-дом на спортот, место каде ќе може да се спортува и рекреира, но и место кое со текот на времето, се надевам ќе прерасне во расадник на врвни спортисти со бројни достигнувања како некогаш.
Салата „Партизан” не е само објект, таа е симбол на едно време, симбол на нашето заедништво, на нашата сплотеност да градиме здраво општество за сите. Оваа традиција гордо ја продолжуваме.
Самото име на оваа сала го носи името на Наум Наумовски Борче, говори за традицијата која што ја има оваа сала и го носи гордо името на еден од македонските великани од Втората светска војна и еден од градоначалниците на Град Скопје.
Преку оваа и сите други инвестиции во спортот низ целата држава, создаваме трајни вредности. Создаваме здрави генерации, кои преку спортските активности ќе ги реализираат своите визии за просперитет и напредок.
Се фокусираме на развојот на спортот и стимулирање на спортскиот дух кај младите, кај повозрасните, кај сите граѓани. Спортувањето е предуслов за добро здравје и квалитетен живот.
Вложуваме во реализација на голем број проекти и објекти од областа на спортот.
Во последниве пет години инвестиравме во изградба на кошаркарски игралишта, фитнес зони, градиме училишни пливачки базени во 8 општини.
Дополнително, дел од буџетските средства во износ од 32,5 милиони евра, кои неодамна ги пренаменивме за општините за проекти на локално ниво, се наменети токму за реализација на проекти од областа на спортот.
Пред два дена го пуштивме во употреба затворениот пливачки базен во Струга, кој верувам повторно ќе претставува гордост на стружани.
Ако за стружани најубавиот новогдишен подарок беше затворениот пливачки базен, тогаш за карпошани најубавиот новогодишен поклон, подарок е токму оваа комплетно реновирана сала.
Реконструирани се и повеќе спортски објекти, меѓу кои спортски сали, фудбалски терени, повеќенаменски игралишта во 15 -тина општини.
Со ова сакам да кажам дека ова не се желби, овие проекти не се на хартија туку реализирани проекти, реализирани сали, објекти за повеќе спортисти, за повеќе успеси, за повеќе насмеани лица на младите! Повеќе за сите!
Работевме напорно во изминатиот период за да обезбедиме квалитетни услуги во сите општини, во сите сфери на живеењето! Така и ќе продолжиме бидејќи патот е тој, само преку напорна работа ќе има видливи резултати!
Благодарам на оние кои учествуваат во овој проект, благодарност и до пратениците, кои се тука од Карпош, од Град Скопје кои не заборавија при планирањето на буџетот на проектите кои се важи за овој дел од државата.
Благодарност до медиумите за посветеност и на 50 степени во лето и на минусни температури сме заедно, така ќе продолжиме и во јануари и понатаму и сакам да ви посакам многу здравје, среќа па и еден ден да се видиме на овие спортски игралишта овде и да спортуваме заедно.”