Догорчиња од цигари има насекаде бидејќи вообичаена практика на многумина е да го фрлаат догорчето на земја и да го згмечат со ногата. Сепак, не само што не е убаво да се види, туку не е добро и за околината.
За да дојдат до решение за тој проблем и да ги претворат цигарите во нешто корисно, литванските научници користеле креативно решение. Така, научниците од Универзитетот за технологија Каунас и литванскиот институт за енергија развија метод за претворање на отфрлените догорчиња во биодизел.
Како што изјавија во студијата објавена во списанието за аналитичка и применета пиролиза, откриле дека едно од клучните соединенија за производство на биодизел, триацетин, може да се најде во изобилство во филтрите за цигари. Користејќи голем број техники, меѓу кои и пиролизата (која на домаќинките им е добро позната како метод за чистење на печките), научниците успеале да извлечат масло богато со триацетин од догорчињата од цигари и на тој начин да добијат одржлив извор на состојки за производство на биодизел.
Ова ново решение може да ги намали трошоците за производство на биодизел и да го ублажи влијанието на пушењето цигари врз животната средина. Дополнително, истакнуваат научниците, преостанатиот материјал (јагленот) би можел да се користи за ѓубриво или третман на отпадни води.
Научниците истакнуваат дека ова не е единствениот начин да се користат догорчињата и со тоа да се намали нивното влијание врз животната средина, туку тоа е првиот чекор. Сега треба да го приспособат својот метод за индустриско производство.