ПФА предупредува: Играчите ќе бараат правна заштита

Првиот човек на Здружението на професионални фудбалери на Англија и Велс (ПФА) Матео Моланго изјави за „Скај спортс“ дека може да се случи фудбалерите да побараат и правна заштита поради зголемениот број на натпревари што треба да ги играат на годишно ниво.

Моланго истакна дека Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) сериозно го ризикува здравјето и благосостојбата на фудбалерите со постојано зголемување на бројот на натпревари и додавање нови натпреварувања.

„Дојдовме во ситуација кога треба да се заштитиме. Состојбата во фудбалот денес е тажна. Големиот пораз на фудбалот е фактот што играчите мора да се заштитат себеси затоа што никој друг не го прави тоа. На играчите им е јасно дека се многу добро платени за работата што ја работат, но на сите треба да им биде јасно дека човечкото тело има свои граници“, изјави Моланго.

Неговите коментари се одговор на промената на системот на натпреварување на Светското клупско првенство, но и на промените кои следуваат на Мундијалот.

Од 2025 година на Светското клупско првенство ќе учествуваат 32 селекции, додека на Светското првенство во 2026 година во Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада ќе учествуваат 48 репрезентации.

Заедно со сите овие зголемувања на бројот на натпревари, новиот систем на натпреварување во Лигата на шампионите кој ќе биде во сила од следната сезона го зголемува и бројот на натпревари на годишно ниво.

„Скај спортс“, ја илустрираше сериозноста на ситуацијата со одличен пример – во сезоната 2024/25, вклучувајќи го и Светското клупско првенство, Манчестер сити би можел да одигра 86 натпревари, што навистина изгледа страшно.

Малонго е член на претседателството на Меѓународната асоцијација на професионални фудбалери (ФИФПро) и вели дека и оваа асоцијација се подготвува да ги преземе неопходните чекори за заштита на играчите, а додаде дека ФИФПро ќе добие поддршка и од Меѓународната асоцијација на професионални клубови.

Треба да знаете
Последни објави