„Блискиот Исток е регион на една долга секташка битка и психодрама, во која соседите и луѓето со милениуми се убиваат меѓу себе, додека нивна нормална состојба е војната“.
Тоа што го имаме на увид во моментов, се чини, ја потврдува ова астара максима и покажува дека таа продолжува да функционира со несмален интензитет.
Надежите дека оваа 2023 година ќе да биде година на некаква конечна деескалација на конфликтите и тензиите на Блискиот Исток, сега, по 12 месеци, се чини, беа залудни и неоправдани. И непоткрепени со реални проценки. Може слободно да се каже тоа беше година на политичко, економско, разузнавачко и безбедносно фијаско за регионот, бидејќи на сите веќе постојни децениски конфликти и жаришта, годинава им се придодаде и жестоката војна во Газа, меѓу исламистичкото движење Хамас и Израел, што почна во октомври и засега
Ирак, Сирија, Либија, Јемен, Судан и сега Израел, се арени на посилни или позадушени конфликти. Во сите овие држави тлеат или беснеат конфликти, се разбира, со различен интензитет, но со толку многу различни последици, што секоја помисла на некаков нов мирен почеток, што нели се посакува на крајот на старата и стартот на новата година, го прави илузорен.
Почетокот на годината навистина ветуваше поинаква слика за Блискиот исток. Саудиска Арабија некаде во првиот квартал од годината се согласи на попуштање во односите со Иран, Техеран, од друга страна,почна некакви тајни разговори за нормализирање на врските со Израел. Граѓанските војни во Либија, Сирија и Јемен беа некаква лимбо состојба. Иран влезе во помирни политички води, без децениските секташки борби. Тензиите и судирите се проретчија до тој степен да се навестуваше некаков обид за траен мир.
Но тоа беше на почетокот на годината. Сега, на крајот на годината, Блискиот Исток веќе е во својата вообичаена состојба на зовриен котел од конфликти. Како што се приближуваше крајот на 2023 година, така уште еднаш се виде дека мирот му го сврте грбот на Блискиот Исток.
„Замрзнатата“ војна во Сирија
Во Сирија и натаму е „видлива“ децениската сега веќе „замрзната“ војна, бидејќи на неа, се чини, светот веќе се навикна и ја заборави. Интензитетот на борбите уште од лани е драстично намален, што беше доволен сигнал конфликтот што почна во 2011 година да се изгуби од првите места на тикерите на светските агенции и телевизии.
Но, токму во Сирија продолжи задскриениот судир меѓу големите играчи на светската политичка сцена. Русија, која уште во 2015 година интервенираше во корист на режимот на Башар ал-Асад, сега се обидува да дојде до стратешките ресурси што претходно не и беа на дофат. Претседателот Асад, поддржан од Иран и Русија, од децениската војна излезе како воен победник во битката со Исламска држава и другите исламистички радикални групи, што му помогна повторно да ја поврати контролата на поголемиот дел од територијата, претходно запоседната од ИД, различните исламистички групи, курдски милиции или странски војски.
Во моментов борбите се многу намалени, но делови од земјата, особено северозападниот регион Идлиб, останува надвор од владина контрола. Во него има периодични судири, што потсетуваат дека конфликтот, иако стивнува, може повторно да се распламти и да ескалира.
Ситуацијата на североистокот од Сирија, исто така, останува нестабилна, бидејќи таму се распоредени турски, сириски и руски сили, заедно со сириските курдски милиции.
Актуелната двомесечна жестока војна меѓу Израел и Хамас, се смета за уште еден тригер што војната во Сирија може да ја врати на површината и од „замрзнат“ конфликт да ја врати во состојбата на прокси војна. Тука се и американските војници како некаков „замаец“ за нов поголем судир, бидејќи тие се стационирани во бази во близина на големите нафтени полиња и се редовно цели на бомбардирање од страна на милитантите кои се побрзуваат со Иран и сириските владини сили. Третата , но не помалку голема опасност од враќање на војната во Сирија, се воздушните напади на Израел врз бази, аеродроми и други стратешки инфраструктурни цели, на кои одговараат владините сили на сирискиот режим.
По 12 години војна и разурнувања хуманитарната цена од сириската војна е неверојатно голема. Некои проценки говорат дека бројка на загинати достигна 400.000, иако сите се убедени дека таа всушност е многу поголема. Повеќе од половината од населението во Сирија е раселено, бидејќи Агенцијата на ОН за бегалци (ИОМ) проценува дека од почетокот на војната земјата ја напуштиле 5,6 милиони Сиријци , ставајќи ги соседните земји, Саудиска Арабија, Турција, Јордан, а особено Европа, под значителен притисок од бегалски прилив. Дури и сега, кога конфликтот е релативно стивнат, не се знае кога, како и дали тие ќе можат да се вратат во татковината.
Јеменскиот конфликт и надворешната ескалација на Хутите
Ситуацијата во Јемен се чини уште позамрсена. И таму нема мир од 2011 година, превратот во земјата на бранот на Арапската пролет, кога тогашниот авторитарниот претседател Али Абдула Салех да му ја предаде власта на неговиот дотогашен заменик Абдрабу Мансур Хади.
Хутите ја искористија слабоста на новиот претседател и во 2014 година почнаа вооружена борба против владините сили, а по краткотрајните борби вовоспоставија контрола над провинцијата Саада, на северот на земјата, а набрзо го зазедоа и главниот град на земјата, Сана, принудувајќи го претседателот Хади да избега во странство.
Хутите , кои имаат силна и нескриена поддршка од моќниот регионален играч-Иран, веднаш го запалија светлото за аларм. Регионалните „играчи“, а тука пред се Саудиска Арабија, но и другите арапски држави, брзо се организираа и почнаа воздушна кампања со цел да ги соборат Хутите и да ја обноват владата на Хади. Оваа арапска коалиција, предводена од саудиска Арабија, доби логистичка и разузнавачка поддршка од САД, Велика Британија и Франција.
Хутите за цело време на кампањата не потклекнаа на нападите од воздух. Напротив, жестокото возвраќаа со ракетни напади и напади со беспилотни летала, предизвикувајќи сериозни штети во Саудиска Арабија. Откако увидоа дека дома, во Јемен, ја држат ситуацијата под контрола, Хутите во последните неколку месеца, а особено од избувнувањето на израелската војна, тежиштето на своите активности го префрлија на меѓународен терен, преземајќи агресивни ракетни акции врз комерцијални бродови во Црвеното Море. Ситуацијата е толку сериозна што во моментов се формира меѓународна коалиција за борба против нападите на Хутите во Црвено Море.
Од друга страна, хуманитарната ситуација во земјата е толку лоша што Светската организација упорно апелира за помош и тврди дека Јемен ја доживува најтешката хуманитарна криза во светот, бидејќи 4,5 милиони лица, што претставува секој седми жител на земјата е раселен, додека 24,1 милиони лица, односно 80 отсто од населението имаат потреба од хуманитарна помош и заштита. Он смета дека дури шест милиони Јеменци се наоѓаат на работ на глад.
Либија – мирот и стабилноста далеку од реалноста
Од соборувањето на неприкосновениот децениски лидер Моамер ел-Гадафи, во 2011 година, Либија живее во пеколот на фракциски и племенски борби. На земјата веќе 12 години и недостасува мир и стабилност, земјата е поделена на две силни воени и политички (племенски) фракции – источната чие седиште е во Бенгази, и западната во Триполи. Двете се толку различни и неспоиви што секоја од нив, секој регион што го раководат, има своја администрација.
Минатиот месец имаше обид од претставник на ОН завојуваните фракции да седнат на заедничка маса за постигнување договор за избори, како некаков прв чекор кон постепено нормализирање на власта и ситуацијата во земјата, но засега нема успех во тоа. Овој обид впрочем е дел од очигледно обновениот надворешен притисок за национално изјаснување, по што би следел и обид за национално помирување. Изборите со години се тема на разговори и на силен интерес на меѓународните посредници и миротворци, но, веќе цели три години, од 2020 година кога завршија големите борби и непријателства, нема никаков напредок во оваа насока. Последните избори во Либија беа одржани во 2014 година.
Хаосот, несигурноста, безнадежноста, недостигот на основни прехранбени производи луѓето постојано ги турка кон опасната миграциска рута преку Медитеранот. Фронтекс излезе со податокот дека само во првите 10 месеци од оваа година преку либиската медитеранска рута имало 143.600 обиди за влез во ЕУ.
Ирак- навидум мирно, но во заднината врие шиитско-сунитскиот конфликт
Ако во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, до големата ирачко-иранска војна од 1980 до 1988 година, Западот на Ирак гледаше како последната бариера од иранскиот радикален ислам, денеска Багдад е плодно тло за дејствување имаат мноштво фракции и милиции, кои се директно или прикриено поддржани од Техеран.
Браната од исламскиот радикализам и воведот во верските борби почнаа со инвазијата врз Ирак во 2003 година од страна на мултинационалната коалиција, предводена од САД и Велика Британија, и падот на режимот на Садам Хусеин. Во периодот што следи земјата ќе биде зафатена од хаос и граѓанска војна додека различни вооружени групи ќе се борат за моќ и територија. По периодот на релативна смиреност на ситуацијата, на почетокот на втората деценија на овој век, дојде до подемот на екстремистичката група Исламска држава, која во 2014 година окупираше големи делови од земјата, а беше поразена дури во 2017 година од ирачките сили со помош на американската меѓународна коалиција.
Несомнено овој период на дводецениска нестабилност и фракциски борби најдобро го искористи Иран, успевајќи да оствари силно политичко влијание во Ирак, бидејќи токму коалицијата на верски групи, поддржани од Техеран, во октомври 2022 година на власт го донесе ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани.
Нестабилноста или кревкоста на ирачкото општество најдобро се гледа преку тоа што токму овие недефинирани милитантни групи, сите солидно опремени со оружје, во изминатиот период извршија десетици напади врз американски воени објекти во Ирак, земја во која во моментов има распоредено околу 2.500 американски војници. Тие се таму во договор со властите во Багдад, а нивната главна цел е спротивставување на терористичката група Исламска држава. Меѓутоа, и претходно, изминатава година, а посебно по избувнувањето на војната меѓу Хамас и Израел, на 7 октомври, следеа мноштво напади врз американските интереси во Ирак од радикални проирански групи. Последниот беше во вторникот, ден по Божик, на што Американците возвратија со воздушни напади на три локации на проиранските милитантни групши во Ирак, откако претходно со дрон беше нападната базата на САД во близина на Ербил, во Курдистан. Следеше меѓусебно обвинување меѓу ирачките власти и американската администрација за жестокоста на одговорот на американската војска. Тоа беше само последна реакција на САД, затоа штоп во изминатите два месеца американските авторитети реагираа на неколку пати со брза, јасна и остра осуда на претходните напади врз ниовните бази во оваа земја. Највисоките американски функционери во администрацијата на претседателит Џо Бајден – државниот секретар Ентони Блинкен, министерот за одбрана Лојд Остин и шефот на ЦИА Вилијам Барнс веќе го имаа предупредено премиерот Ас Судани на „тешките последици“ доколку Ирак не направи нешто за да ги запре нападите врз американски цели.
Освен во Ирак, американските сили изведуваат воздушни напади и во Сирија, врз складишта за оружје и други објекти директно поврзани со иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда и проиранските милиции. А тоа во Ирак и Сирија очигледно го прават и израелските воздухопловни сили. Израелскиот министер за одбрана неделава призна дека токму нивните авиони во еден од последните, но редовни, воздушни напади во Сирија, за време на викендот убија високо позициониран генерал во хиерархијата на иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда.