Лидерот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи не очекува поголем егзодус на граѓаните по 1 јануари 2024 година, кога почнува безвизното движење на Косовците во Шенген-зоната, од миграцијата што се случи во последните две години, за време на владата на Албин Курти.
Во новогодишното интервју за порталот „Економиа онлајн“ (https://ekonomiaonline. com/) Красниќи изјави дека загрижувачко е заминувањето на 200.000 луѓе, повеќето професионалци и вработени, не само сиромашни, што се случи пред визната либерализација.
Според него, тоа се случило затоа што луѓето ја губат вербата во можностите што ги нуди Косово. – Не гледам голем проблем со 1 јануари 2024 година и безвизното патување.
Ова е добредојдено, одамна требаше и добро е што конечно се случи.
Она што беше проблематично е заминувањето на граѓаните пред укинувањето на визите, бидејќи патувањето во Шенген зоната, посетата за да се видат можностите, без разлика дали се образовни или можеби дури и вработување, е помалку проблематично и штетно од фактот што во последните две или две и пол години од владеењето на Курти, Косово го напуштија над 200.000 граѓани. Повеќето со договори за работа, повеќето професионалци, од инженери, архитекти до лекари и секоја друга професија, изјави Красниќи.
Она што е исто така вознемирувачко, вели лидерот на најголемата опозициска партија во Парламентот на Косово, е значителната депопулација во одредени средини, било рурални или урбани и заминувањето на сите профили на луѓе.
– Во некои од регионите на Косово има вистинска депопулација.
Уште повознемирувачко е што за прв пат видовме заминување на луѓе од сите видови демографија, па не само од руралните средини, туку и од урбаните средини; не само од еден регион, туку од сите региони; не само од невработените и сиромашните, туку и од професионалците и од вработените.
Таквото заминување ми влева страв дека можеби се работи за губење верба во можностите што ги нуди Косово. Одговорноста на власта е апсолутна во оваа насока, вели Красниќи.
Според него, премиерот Курти и неговите министри се активни само во пропагандата.
– Неговите апсурди се извонредни.Пред неколку дена, во декември, излегоа и рекоа дека економијата на Косово е трета во Европа. Дури ни децата не можат да веруваат во такво нешто. Затоа што косовската економија, таква малакаква што е, со раст од 3,5 проценти, веројатно може да се спореди со Украина, која е во војна. . . Не може да се споредува ниту со државите од регионот. Испаѓа сме подобри од Албанија, дека сме подобри од Црна Гора, подобри сме и од Словенија и Хрватска.
Мислам дека тоа само по себе е апсурд, но е дел од владината пропаганда која за жал продолжува да биде многу активна, изјави претседателот на ПДК, Мемли Красниќи во интервјуто за „Економиа онлајн“.