Во денешното соопштение Европската комисија потсети дека од 2024 година сите мобилни телефони, таблети и камери во ЕУ ќе мора да имаат ист полнач. Слот за USB-C, познат и како USB Type-C, станува стандард, што значи дека производителите ќе мора да ги приспособат своите уреди на новите барања.
Оваа одлука е донесена пред неколку години, а ЕУ неодамна даде конечно одобрение за задолжително воведување на еден полнач за сите електронски уреди.
-Чекањето заврши. Од 2024 година, USB-C ќе биде стандард за сите електронски уреди во ЕУ. Од тој момент повеќе нема да слушаме: „Извинете, го немам тој кабел“, соопштија од Европската комисија, нагласувајќи дека позитивните ефекти се веќе видливи.
И покрај загриженоста изразена на крајот на 2021 година, кога беше објавена одлуката, Apple веќе започна со продажба на мобилни телефони со USB-C слот во ЕУ оваа година. Производителите и трговците на мало сè уште имаат време да се прилагодат на новото правило, кое не стапува на сила веднаш на 1 јануари 2024 година.
-До крајот на 2024 година, сите мобилни телефони, таблети и камери што се продаваат во ЕУ ќе мора да бидат опремени со USB-C порт за полнење. Од пролетта 2026 година обврската ќе се прошири и на лаптопите, објави Европскиот парламент во октомври минатата година.
Новите правила имаат за цел да ја намалат потребата од купување различни полначи за секој уред, што ќе заштеди пари, време и ќе помогне да се намали електронскиот отпад.
И покрај скептичните изјави, како онаа од Apple која стравува дека оваа регулатива ќе ги ограничи иновациите, ЕУ верува дека стандардизацијата на USB-C полначите ќе има позитивно влијание врз потрошувачите ширум Европа.