Израел повлекува дел од армијата од Појасот Газа, следува нова фаза од војната

Илјадници израелски војници се преместени од Појасот Газа, соопшти денеска армијата, што е прво значително повлекување на израелските војници од палестинската енклава од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.

Армијата во денешното соопштение соопшти дека пет бригади или неколку илјади војници ќе бидат повлечени од Газа во наредните недели на обука и одмор.

Во обраќањето во неделата, во кое за првпат беше објавено повлекувањето на војниците без да се прецизира колку сили, портпаролот на армијата Даниел Хагари не кажа дали одлуката значи дека Израел започнува нова фаза во конфликтот.

„Воените цели бараат продолжена борба и ние се подготвуваме соодветно“, рече Хагари.

Ваквите движења на војниците би можеле да сигнализираат дека борбите се намалуваат во некои области на Газа, особено на северот каде армијата соопшти дека е блиску до преземање оперативна контрола.

Информациите за повлекување на војниците стигнаа пред посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на регионот, а Израел веќе подолго време е под притисок од својот главен сојузник Вашингтон да започне со транзиција кон операции со помал борбен интензитет во палестинската енклава.

Жестоките борби продолжуваат и во други области на Газа, особено на југ, во градот Кан Јунис и во централните делови на територијата.

Израел претходно изјави дека нема да запре додека не се постигнат неговите воени цели, кои вклучуваат уништување на Хамас, кој владее со Газа 16 години.

Треба да знаете
Последни објави