„Вива Фреш“ го купува „Top Shop“

СМА Холдинг Ш.П.К. кој преку Косово купува бизниси во Македонија, сега подготвува преземање на „Студио Модерна“ од Скопје, компанијата која ги застапува брендовите како „Дормео“, „Делимано“ и „Топ Шоп“, со ланец на продавници низ земјата.

Ова е објавено вчера како известување за можна пазарна концентрација од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Холдингот веќе ги поседува маркетите „Вива Фреш“, а од неодамна го купи и малопродажниот ланец „Кит-Го“ од Штип.

„Друштво за трговија и маркетинг СТУДИО МОДЕРНА ДООЕЛ Скопје е друштво кое се занимава со трговија на мало преку пошта и интернет која вклучува трговија на мало на производи за домаќинство (мебел, душеци, перници, постелнини, под-душеци, наддушеци), опрема за осветлување и други предмети за домаќинства, производи за подготовка на храна и други производи за унапредување на живеењето и опрема за чистење во домот. 

Трговијата ја сочинуваат продажба на брендирани производи како што се Топ Шоп, Дормео, Делимано, Волкмакс и Велнео, преку разчлични канали за продажба: телевизија, интернет, продажба на мало преку продавници, телемаркетинг. За целите на ова Известување, релевантниот пазар на производи може да биде дефиниран како пазар на трговија на производи за спиење, душеци и производи за домаќинство за готвење и чистење а географскиот пазар би бил пазарот во Република Северна Македонија“, објави комисијата.

За СМА Холдинг Ш.П.К. е напишано дека „се занимава со управување и контрола со трговски друштва, обезбедување на помош на трговски друштва во целосна или делумна сопственост на друштвото, продажба на големо и мало на стока и опрема“.

Штипскиот бизнисмен Кирил Гогов од крајот на мај минатата година повеќе не е сопственик на ланецот маркети Кит-Го, откако официјално заврши превземањето од страна на косовската компанија Вива Фреш. Се верува дека за тоа биле платени околу 60-тина милиони евра. Процесот на купување траеше повеќе од една година.

Во јули словенечкиот основач на „Студио Модерна“, Санди Чешко, познат уште и како „крал“ на ТВ продажбата, кој со своите брендови Дормео, Делимано и Космодиск „навлезе“ во речиси секое домаќинство во овој дел на Европа, за словенечките медиуми потврди дека е во деловни тешкотии. 

Последната информација за приходите на „Студио Модерна“ во Македонија е дека во 2017 со 182 вработени е остварена продажба од над 11 милиони евра. Добивките во овој период се движеле околу половина милион евра. 

Треба да знаете
Последни објави