Бербок: Израел мора да стори повеќе за да ги заштити цивилите во Појасот Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред посетата на Блискиот Исток изјави дека Израел мора да стори повеќе за да го заштити цивилното население во Појасот Газа, каде што води војна против палестинскиот екстремистички Хамас.

Бербок, сепак, повтори дека Германија ја поддржува борбата на Израел против „слепиот терор“ и изјави дека земјата има право да се брани, пренесува Асошиејтед прес.

Шефот на дипломатијата на Германија, сојузник на Израел, повика и на повеќе „хуманитарни паузи“, наведувајќи дека мирот не може да се постигне ако нема перспектива за достоинствен живот и ако животот во Газа не е возможен по војната.

Таа изјави дека не смее да има повоена окупација на Газа, нема протерување на Палестинците, нема намалување на големината на таа територија, но и дека „во исто време повеќе не смее да има никаква опасност за Израел од Појасот Газа.

Бербок во недела ќе отпатува за Израел, Западниот Брег, Египет и Либан. Министерството за надворешни работи на Германија соопшти дека ја следи ситуацијата на границата меѓу Израел и Либан и дека „ризикот од ескалација, за жал, е многу реален“.

Прекуграничните судири меѓу израелските сили и либанскиот проирански Хезболах се речиси секојдневни откако Хамас започна со смртоносни напади во јужен Израел на 7 октомври, започнувајќи ја најновата израелско-палестинска војна.

Во Израел, Бербок ќе се сретне со новиот министер за надворешни работи на земјата, Израел Кац и со претседателот на земјата, Исак Херцог. Најавено е дека ќе разговара и со претставници на палестинските власти на Западниот Брег, пренесоа израелските медиуми.

Треба да знаете
Последни објави