Најголемата антимонархистичка група во Велика Британија, Република, го пријави принцот Ендру во лондонската полиција по неодамнешното објавување на судски документи кои го поврзуваат со осудениот педофил Џефри Епштајн.
Документите што не ги запечати судот во Њујорк вклучуваат наводи дека братот на британскиот крал Чарлс сексуално нападнал малолетничка, во документите наречена „Џејн До 3“, што принцот Ендру ги негира.
Наводната жртва е Вирџинија Џуфре, која претходно се откажа од анонимноста за да каже дека Епштајн трипати ја продавал на војводата од Јорк, пишува Тајмс.
Принцот Ендру претходно ги отфрли сите обвинувања и рече дека не се сеќава на средбата со Џуфре, додека Скотланд Јард одби да коментира дали ќе ги преиспитаат наводите против војводата.