– Во врска со вчерашните изјави во јавноста со кои се отвораат дилеми околу ништавноста на сите акти донесени во периодот од изборот на Сашко Георгиев за претседател на Судскиот совет на РСМ до моментот на давањето на негова оставка, а во врска со донесената правосилна и извршна пресуда на Управниот суд, Судскиот совет има потреба да се произнесе со став дека сите акти донесени во овој период се во правна сила. Со пресудата на Управниот суд не се доведува во прашање законитоста на одлуките донесени од Судскиот совет како колективно тело, бидејќи се поништува решението за разрешување на сегашната претседателка – соопшти Судскиот совет.
Вчера „Слободен печат“ објави дека незаконското разрешување на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет, покрај крајно нарушениот углед на Советот, допрва може да предизвика хаос во правосудството, затоа што правните последици од пресудата на Управниот суд може да значат повторување на повеќе дисциплински постапки или постапки за избор и унапредување на судии. Одлуките на Судскиот совет како колективно тело кое одлучува со мнозинство гласови не се спорни и тие важат, но спорни се поединечните акти кои ги потпишал Сашко Гергиев како претседател на Советот избран по разрешувањето на Дамева.
Професорот по управно право Борче Давитковски рече дека секој што досега не обжалил некоја од одлуките што се донесени во времето кога Георгиев беше претседател на Советот, а тоа е од мај 2023 година до 3 јануари 2024 година, може да ја обжали одлуката или постапката и да побара повторување.
Извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“ Дарко Аврамовски објасни дека суштината е во тоа дека пресудата на Управен суд е поништувачка, што значи дека никогаш и не била разрешена, па следствено, никогаш и не бил избран нов претседател, кој после пресудата излегува дека бил неовластен и незаконски потписник.