Понеделникот во Германија почна со протести на земјоделците кои се противат на укинувањето на субвенциите.
Блокади на автопати, колони од автомобили и сообраќаен метеж, тоа е сликата со која Германија се разбуди денеска.
Денеска практично голем дел од Германија нема да функционира нормално. На патиштата ќе има илјадници трактори – во протестот што германските земјоделци го најавуваат како најголем во историјата.
Таблоидот Билд објави мапа со градови и автопати чии блокади се најавуваат – списокот е долг. Надлежните ги повикаа граѓаните да користат железнички превоз и да се откажат од возењето. Работодавците им кажуваат на луѓето да работат од дома каде што е можно, а училиштата ќе го оправдаат отсуството на децата.
На некои видеа може да се види како полицијата со своите возила се обидува да им го блокира патот на тракторите, но тие скршнуваат од патот и лесно ги заобиколуваат полициските блокади низ полињата.
„Многу дејствија не само што се правно неоправдани, туку понекогаш претставуваат закана за сообраќајот, јавната безбедност и редот“, критикува полицискиот синдикат.
Откако Уставниот суд и забрани на федералната влада да прави нови долгови и да внесува одредени расходи во буџетот за 2024 година, во државната каса се создаде дупка од 17 милијарди евра.
Пред само неколку дена беше постигнат компромис за новиот буџет во коалициската влада составена од три партии – Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП). Со ова се укинуваат разни субвенции, што ќе доведе до значително поскапување на бензините и дизелот, струјата и парното. Се укинаа и субвенциите за електрични автомобили, а беше намалено и темпото на многу инвестиции.
Што се однесува до земјоделските производители, субвенциите за дизел гориво се избришани, а воведена е такса за сите земјоделски возила, исто како и за патничките, во зависност од моќноста на моторот и потрошувачката на гориво.
Тешките трактори и земјоделските машини трошат големи количини дизел и имаат мотори со голема моќност. Германските фармери сметаат дека нивните алатки не треба да се третираат исто како приватните автомобили.
Ова е причината зошто гневните земјоделци повикаа на блокада низ целата земја.