На почетокот на новата година, сметководителите почнуваат со составување на финансиските извештаи, во кои ќе бидат прикажани компаниските резултати, а статистичарите ги подготвуваат годишните национални сметки. Во демократски амбиент, носителите на јавните функции прават осврт на постигнатото, негувајќи ги принципите на транспарентност и отчетност. Оваа демократска и цивилизациска придобивка бездруго отвора можност за критики, но овозможува и подобрување на идните перформанси. Тоа е општо правило и во животот, не случајно и во различните култури во нашата цивилизација низ историјата постојат празничните периоди кога после интензивни и бурни времиња во текот на годината во вид на консензус се прави една општа пауза за одмор и рефлексија на тоа што сме поминале и што сме научиле, со цел подобро да ја проектираме иднината. Во тој поглед и оваа колумна во овие празнични периоди ја искористив за рефлексија на тоа што ни се случуваше во овие години на повеќе кризи од глобални размери предизвикани од пандемијата и геостратешките турбуленции на глобално ниво, но и војната на европскиот континент со сериозни безбедносни, енергетски и економски ризици и последици. Сведоци сме дека и во поблиската историја имаше многу случувања без преседан во овие години за што има многу да се каже, но и да се научи. И покрај желбата да пренесам што сѐ сме поминале и направиле во овие години на кризи, особено во делот на јавните финансии, со ограничен простор во оваа колумна, а и со почит кон времето на читателите, решив да пишувам само за дел што сметам дека сепак ќе биде корисно како искуство, но во исто време и можност за критика и дебата како во иднина подобро да се справиме со слични предизвици.
СМАРТ Финансии
За СМАРТ финансии, или паметен систем на управување со јавните финансии, се залагам од првиот ден кога ја преземав функцијата на министер за финансии. Овој систем се базира на јасна стратегија, одржливост, одговорност, реформи и транспарентност (S-strategical, M-maintainable, A-accountable, R-reform-oriented, T-transparent). Кога се спроведува еден обемен реформски процес со кој се поставува нов систем како фундамент на јавниот сектор, економијата и општеството, добро е во тек на процесот да се навратиме, да видиме од каде сме тргнале, што сме постигнале и дали сме се на вистинската патека за остварување на целите. Впрочем, во менаџментот, контролата е суштински дел од процесот на раководење.
Во изминатите три години спроведени се повеќе системски реформи во јавните финансии, односно поставен е скелетот за стратегиско, одговорно, одржливо, ефикасно, отчетно и транспарентно управување со јавните финансии. На ова се надоврзуваат реформите за забрзување на растот и јакнење на конкурентноста и отпорноста на домашната економија. За релативно кус период поставена е нова среднорочна рамка за буџетирање, утврдени се правилата за прудентно фискално управување, мерки за оптимално распоредување на ресурсите во функција на одржливост, како и механизми за унапредување на реализацијата на буџетот. Поставени се системски законски решенија за праведно утврдување на минималната плата и усогласување на платите во јавниот сектор, како и усогласување на пензиите соодветно на растот на просечната плата и трошоците за живот. Утврдена е стратегиската рамка за даночната политика за поправедно, поефикасно и поефективно оданочување, кое исто така е во функција на фискалната одржливост. Утврдена е стратегија, план и мерки за намалување на сивата економија. Донесени се реформи за унапредување на процесот на фискалната децентрализација, придружени со поголема отчетност и поттикнување на доброто управување. Воведени се нови финансиски инструменти за диверзифицирање на должничкото портфолио и мобилизирање на капиталот во земјава во функција на растот и развојот. Утврдени се механизми за поттикнување на зеленото финансирање за справување со климатските промени. Се спроведуваат повеќе проекти во насока на подобрување на јавните услуги, преку дигитализација на процесите.
Во време додека се реализираше овој крупен реформски процес во јавните финансии, глобалната и домашната економија поминаа низ неколку кризи, кои се надоврзуваа една на друга, па дури и преклопуваа. Министерството за финансии имаше активна улога во справувањето со кризите преку непречено финансирање на сите функции на државата, преку учество во конципирање и спроведување на антикризните мерки, како и спроведување на политиките за одржување на макроекономската стабилност. Реформската агенда, рака под рака со најголемите турбуленции кои се случиле во глобалната економија во изминатиот половина век, се огромен предизвик за која било институција, не само кај нас, туку воопшто во меѓународни рамки.
Ќе се обидам накусо да дадам контекст во кој се случуваше најголемиот реформски процес во јавните финансии во изминатите две децении.
Борбата со кризите го чинеше буџетот 2,7 милијарди евра
Во неколку наврати во досегашниот период е презентирано како одговоривме кон кризите со повеќе мерки и политики како и посебни пакети на антикризни мерки кои вкупно го чинеа буџетот околу 2,7 милијарди евра дизајнирани во девет пакети. Тие содржеа различни мерки, во зависност од екстерните шокови и категориите на граѓани и фирми кои беше најнеопходно да се заштитат. Сетот на мерки за одговор кон пандемијата вкупно чинеше околу 1,2 милијарди евра со главна насока да се спасат животите и заштити здравјето на граѓаните, зачуваат работните места и да се одржи во живот економијата која хибернира. Втората група на мерки, односно сетот на мерки како одговор на енергетската и потоа ценовната криза го чинеше околу 760 милиони евра во главно за апсорбирање на ударот на кризата врз социјално ранливите категории на граѓаните и стопанството. Последниот пакет на мерки достигна 662 милиони евра, и главно, е одговор на продолжениот ефект на ценовната криза која се состои со мерки за заштита на стандардот на граѓаните, помош за најранливите категории на граѓани, но и поддршка на стопанството со поволни кредити во услови на високи каматни стапки, клучно за ликвидноста, но и за инвестициите во стопанството со развојна компонента за одржлив раст, зелена транзиција и дигитална трансформација. Со оглед на фактот дека кризите беа повеќекратни и испреплетени со различни импликации во повеќе области, а со самиот факт дека непредвидливоста стануваше сѐ поактуелно и се зголемуваше, а притоа фискалниот простор се стеснуваше, стратегијата на дизајнирање на антикризните мерки се одвиваше од општи и брзи интервенции, кон селективни, потаргетирани и попретпазливи интервенции за да не се нарушат пазарните принципи и да се зачува фискален простор за во иднина да се одговори на непредвидливи кризни состојби, но во исто време да се поддржат инвестициите и структурните реформи за постигнува одржлив и забрзан економски раст на среден и долг рок.