Тетјана Глињана, која се смета за еден од најголемите (ако не и најголемиот) снабдувач на прехранбени производи за украинската армија по налог на Министерството за одбрана, штотуку стана сопственик на четири хотели во Сплит, така се наведува во истрагата на украинскиот портал NV Business, а веста ја пренесоа сите хрватски медиуми.
Новинарите комуницирале со персоналот на еден од хотелите на кои им покажале фотографија од Тетјана Глињана. Од зградата било потврдено дека таа станала нова сопственичка. Беше кажано и дека Украинката поседува уште неколку хотели во Сплит, како и фабрика за месо во Украина, пишува Слободна Далмација.
Украинските новинари тврдат дека, проверувајќи го локалниот деловен регистар, дошле до информации дека од есента 2023 година Глињана станала сопственик на компаниите „Зен Адриа“, „Пигмент“ и „Мимоза“, а во исто време ја основала и „Назарии“. “.
Истрагата посочува дека споменатите компании управуваат со хотелите Мирари, Ора, Лукс и Пош.
Хотел Мирари е новоизграден објект зад Хотел Марјан, на Каскадите во Сплит. Има 18 соби, ресторан и базен на покривот. Ора се наоѓа во нова зграда, на улица Пољичка, има четири ѕвезди и има 24 соби, ресторан и конгресен центар за 50 луѓе. Лукс Бутик Хотелот се наоѓа на крајот на улицата Звонимирова, има 30 соби, ресторан, СПА и конференциска сала, додека Пош – како што кажува неговото име – е објект со пет ѕвезди, кој има шест апартмани, базен на покривот и СПА центар.
Украинците процениле дека слични хотели на хрватското приморје вредат од 2,5 до 3 милиони евра, односно дека за купување на четири хотели во центарот на Сплит било потребно да се потрошат повеќе од 10 милиони евра. Со оглед на тоа како моментално се движат цените на недвижностите во Сплит, реално е дека овие суми се неколкукратно повисоки, пишува СД.
Истражувачите пишуваат и дека Глињана била основач на неколку компании на таканаречената „Група Била Церква“ (во превод: Бела црква), кои биле главни снабдувачи со храна за националната армија во одредени периоди. Станува збор за Premium Company LLC, Vizit LLC, Ukrprodprokord VR LLC и Grand Consult LLC.
Според изданието „Наш новац“, цените на храната во договорите на овие компании со Министерството за одбрана биле „превисоки,“ а тоа е класично воено профитерство.