Компанијата „Мета“, која е сопственик на Инстаграм и Фејсбук, денеска објави дека планира да ги заостри мерките поврзани со заштитата на младите од штетни содржини на социјалните мрежи.
„Редовно се консултираме со експерти за развој на адолесценти, психологија и ментално здравје за да помогнеме да ги направиме нашите платформи безбедни и соодветни за младите луѓе, вклучително и да го подобриме нашето разбирање за тоа какви видови содржини може да бидат помалку соодветни за тинејџерите“, се вели во соопштението на компанијата.
Една од промените е ограничувањето на видливоста на одредена содржина, дури и ако таа доаѓа од нивни пријатели или луѓе што ги следат.
Ова првенствено се однесува на објавите во кои корисниците пишуваат за самоубиство или покажуваат голотија.
Освен тоа, младите ќе бидат „заштитени“ од објави за тутунски производи, пиштоли, алкохол, естетска хирургија и слабеење.