Владата го повлече предлогот Илир Мехмеди да биде нов извршен директор на воздухопловната навигација М-НАВ, и за тоа место го предложи Хекуран Асани, кој е активен контролор на летање во М-НАВ и ги исполнува барањата наведени во член 17 од Статутот на Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ.
Повлекувањето на предлогот за Мехмеди е од причина што тој нема валидна дозвола за надзорен контролор на летање ниту шестгодишно работно искуство како контролор.
Како што е соопштено, Владата на владината седница му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ” А.Д. – Скопје да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста Претседател на Управен Одбор и Извршен Директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста Член на Управен Одбор и Извршен Директор во СВТ.
Владата воедно му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ” А.Д. – Скопје на позицијата Претседател на Управен одбор и Извршен Директор во СВН да го именува Хекуран Асани, а за Член на Управен Одбор и Извршен Директор во СВТ да го именува Милан Кораќ.
Хекуран Асани е вработен во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ” А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.
Милан Кораќ на позицијата Извршен Директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ” А.Д. – Скопје. Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Милан Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.
Владата ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухоповство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата.
Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ” А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата.