Во болниците во Шпанија од утре се задолжителни маските поради зголемување на заболени од грип и корона

Носењето маски од утре ќе биде задолжително во болниците и здравствените домови во Шпанија, поради зголемувањето на бројот на заболени од респираторни инфекции, соопшти шпанското Министерство за здравство.

Новата коалициска влада на левичарското малцинство ја наметнува мерката, и покрај противењето на повеќето од 17-те автономни шпански региони.

Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија синоќа изјави дека ова е основна и едноставна мерка.

Министерството за здравство одлучи да ја воведе мерката откако не постигна договор со регионалните здравствени власти, од кои многумина тврдеа дека употребата на маски треба да се препорачува, но не и да биде задолжително.

Шест шпански региони веќе ја воведоа мерката, а маските станаа вообичаени во последниве месеци на улиците и во јавниот превоз, како и во здравствените центри.

Шпанските болници беа под огромен притисок во последните недели, по наглото зголемување на бројот на случаи на грип, корона и други респираторни заболувања.

Треба да знаете
Последни објави