Гласање за техничка Влада по Водици, ќе има и нов пратеник во Собранието

Во перидот од 22 до 28 јануари Собранието ќе ги констатира оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Парламентот Талат Џафери, соопштија од Собранието, по денешната координативна средба кај претседателот на Собранието.

По оставката на премиерот Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски ќе треба да му го додели мандатот за премиер на преодната влада на сегашниот спикер Талат Џафери.

Набрзо потоа ќе следи избор на техничката влада, односно министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, а во исто време ќе треба да се верифицира и мандат на нов пратеник од Петтата изборна единица кој ќе дојде на местото на Џафери.

– Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрнаие, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено – соопштија од Кабинетот на претседателот на Парламентот.

Нов претседател на Собранието ќе биде актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

Треба да знаете
Последни објави