Женската поп група Спајс Грлс е почестена со колекција на поштенски марки на Кралската пошта по повод 30-годишнината на бендот.
Ова е првпат британската пошта да посвети цела колекција поштенски марки на женска поп група, објави Гардијан.
На 10-те најзначајни поштенски марки се прикажани слики од изведби од Британските награди во 1997 година, различни емисии и нивното повторно обединување на церемонијата на затворање на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Колекцијата содржи и портрети направени на сетот на филмот „Spice World“ од 1997 година. Спајс Грлс беа основани во 1994 година од дуото татко и син Боб и Крис Херберт, кои сакаа да создадат бенд за девојки што ќе им парира на преовладувачките машки бендови.
Беше формиран бенд од пет члена со Мишел Стивенсон, која наскоро беше заменета со Ема Бантон. Во групата беа вклучени и Викторија Бекам (тогаш Адамс), Мелани Браун, Мелани Чизом и Гери Халивел.
Светската слава ја стекнаа во 1996 година со нивниот прв хит „Wannabe“, а истата година го издадоа и првиот албум „Спајс“, кој го држи рекордот за најпродаван албум на женска група во историјата. Продадени се повеќе од 31 милион примероци, а следниот „Spice Worlds“ од 1997 година продаде околу 20 милиони примероци.
Истата година ги одиграа главните улоги во нивниот сопствен филм „Спајс Светови“. Во 1998 година Гери Халивел ги напушти, а останатите четвори членки се разделија во 2000 година. До денес, тие остануваат најуспешниот женски бенд во историјата. Поштенските марки ќе бидат во продажба од 11 јануари, достапни во различни колекционерски изданија.