Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, гостувајќи во емисијата „Топ стори“, на албанската Топ чанел, синоќа изјави дека премиерот на Косово, Албин Курти, се меша во внатрешните работи на Албанците во Северна Македонија.
-Тој се меша во политичката сцена на Албанците.
Еди Рама не се мешаше во внатрешните работи на политичкото тело во Македонија, се обиде да ги зближи партиите во Македонија, благодарен сум за ваквиот пристап.
Јавната поддршката на Албин Курти за претседателскиот кандидат на албанската опозиција (Алијанса за Албанците и Алтернатива) во 2019 година беше мешење во политичката сцена во Северна Македонија.
Не сме изразиле патриотизам, ниту емотивност, се договоривме со Социјалдемократскиот сојуз, и му дадовме поддршка на Стево Пендаровски за шеф на државата.
Може да прават театар, еден вид игра, но знаеме дека на крајот нема победник, рече Ахмети.
На констатацијата дека Курти ја поддржува албанската опозиција тој вели дека не знае дали „Самоопределување“ е регистрирана партија, но е запознат дека „интерес пројавиле многумина од меѓународната заедница“.
-Ова е демократија, ме ставија во многу тешка ситуација. Зошто Курти се жали кога Вучиќ има политичка активност на Косово? Како објаснувате? Ме оставија без зборови, одговара Ахмети.
Во однос на европската интеграција тој оценува дека ако се изгласат уставните измени, Северна Македонија во рок од четири години ќе стане членка на Европската унија.
-Со одржувањето на првите меѓувладини конференции на Албанија и Северна Македонија со Брисел, почнуваат промените внатре во овие земји во однос на инфраструктурата, животната средина, владеењето на правото и слично, оценува лидерот на ДУИ.
Ахмети изјави дека без разлика што со години е на чело на ДУИ и ја води политичката сила што ја претставува до политички победи, „неговата фигура не е зацементирана на чело на оваа политичка партија“.
-Не сум доживотно на чело на ДУИ. Но, јас не дојдов со сила во ДУИ, дојдов со даден слободен глас и со директен глас на граѓаните го добив и пратеничкиот мандат.
Тука нема сомнеж дека ја почитував волјата на граѓаните, вели Ахмети.
Додава дека со сила не останува на чело на ДУИ, дека статутот на партијата го смениле на последниот конгрес и оти на изборите што одржани пред една година, се гласало под мотото „еден член еден глас“ со тајно гласање.