Милитантите на Ал Шабаб киднапираа хеликоптер на ОН

Милитанти од Ал Шабаб, исламистичка организација блиска до Ал Каеда, киднапираа хеликоптер на Обединетите нации во кој се превезуваа двајца сомалиски државјани и неколку странци, изјави денеска сомалиски воен претставник.

Авионот се расипа набрзо по полетувањето од градот Беледвејн во централна Сомалија, поради што принудно слета во близина на селото Хиндхере, на границата со регионот Галгудуд, по што екстремистите го зазедоа хеликоптерот, потврди мајорот Хасан Али.

-Во хеликоптерот имало двајца Сомалијци и неколку странци, како и медицински материјали. Ранетите војници од регионот Галгудуд требаше да бидат превезени со хеликоптер“, изјави сомалискиот мајор Хасан Али.

Работник на ОН, кој сакаше да остане анонимен, рече дека леталото и припаѓа на Мисијата за помош на Обединетите нации за Сомалија (UNSOM) и дека во него имало пет странци.

Два извори од ОН запознаени со овој настан за британската агенција потврдиле дека хеликоптерот превезувал вкупно девет патници, но засега не е можно да се потврди точноста на овие изјави од независни извори.

Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, води бунт против сомалиската влада од 2006 година во обид да наметне државен поредок заснован на строго толкување на исламскиот шеријатски закон.

Ал Шабаб контролира делови од земјата во јужна и централна Сомалија и ги напаѓа цивилите и сомалиската војска во областа.

Треба да знаете
Последни објави