Мицотакис: Грција не е „банана држава“ и не може да се толерира инфлацијата на алчноста

Битката за да ги контролираме поскапувањата и да наметнеме правила за поинтензивна конкуренција во корист на потрошувачите е континуирана битка, во која постојано користиме нови алатки во политиката сè додека не разберат сите, би рекол особено мултинационалните компании, дека Грција не е „банана држава“ и дека не може да се толерира инфлацијата на алчноста, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Премиерот на Грција денеска одржа состанок за иницијативите за справување со поскапувањата на цените и објасни дека мерките се насочени кон нето-продажните цени, ограничувајќи ги вкупните попусти на добавувачите на 30 отсто и соодветно пренесување на придобивките на потрошувачот.

Мерките се однесуваат на производи за широка употреба, како што се средства за чистење, пасти за заби, гелови за туширање, шампони, пелени за бебиња, овошје и зеленчук.

Мицотакис рече дека целта е „справување со хроничните нарушувања кои се присутни долги години на грчкиот пазар и кои, за жал, станаа поинтензивни како резултат на увезената инфлација“.

-Доведоа до неприфатливиот феномен, истите производи, мултинационалните компании да ги продаваат многу поскапо во Грција отколку во другите европски земји.

Ова, очигледно е нешто што не може да продолжи да се толерира, порача грчкиот премиер.

Се осврна и на млекото за бебиња, кое во Грција е и до 213 отсто поскапо од некои земји во ЕУ, најавувајќи плафон на бруто профитната маржа.

Порача дека со конкретните мерки, „главен приоритет останува заштитата на потрошувачот и правилното функционирање на пазарот“.

По состанокот во Премиерската палата, министерот за развој на Грција Костас Скрекас детално ги презентираше мерките, кои, како што рече, имаат за цел намалување на цените на производите и за справување со профитерството.

Треба да знаете
Последни објави