Припадници на МВР на Србија привеле 11 членови на организирана криминална група поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела, здружување заради извршување на кривични дела, измама, прикривање, фалсификување исправи, посебни случаи на фалсификување исправи и поттикнување за потврдување невистинита содржина.
Полицијата апсењата ги извршила на подрачјето на Белград, Шабац, Нови Сад и Сремска Митровица, додека во кривичната пријава ќе бидат опфатени уште 14 лица кои се осомничени дека учествувале во извршување на поединечни наведени кривични дела.
Членовите на оваа организирана криминална група се осомничени дека во Србија во периодот од 2020 до 2024 година донеле новопроизведени возила од висока класа украдени во земјите од Европската унија, а во претходно обезбедени гаражи и автосервиси ги менувале броевите на шасијата и моторот, по што со фалсификувана документација ги продавале како редовни возила во Србија и земјите од ЕУ за значително повисока сума на пари.
На овој начин тие се стекнале со повеќемилионска противправна имотна корист, која ја делеле според нивните улоги во оваа организирана криминална група.
При претресот на становите и другите простории што ги користеле пријавените, пронајдени се повеќе автомобили, автоделови и електронски уреди за палење и кражба на луксузни возила, како и стотици илјади евра и поголема количина златен накит.
Полицијата продолжува да работи на овој случај.