Меџити: Новата Поликлиника во Сарај во вредност од 79 милиони денари

Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска присуствуваше на отворањето на новата Поликлиника Сарај којашто ќе опслужува над 45 илјади жители од овој регион на градот, соопштија од неговиот кабинет.

Во продолжение, ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

-Голема е честа утрово заеднички да го промовираме отворањето на новата Поликлиника Сарај, која ќе опслужува над 45 илјади жители во овој дел од градот. Би сакал да истакнам дека ова е заеднички успех со кој треба да се гордееме.

Станува збор за инвестиција во вредност од 79 милиони денари, обезбедени од Министерство за здравство.

Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од над дваесеттина населени места (меѓу кои Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други). Досега, пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника Ѓорче Петров.

Новата поликлиника ќе биде дел од Здравствен дом Скопје, со што ќе придонесе за уште поефикасна здравствена заштита на населението во делот на примарното здравство.

Значи, во неа ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, односно ќе функционираат вакцинални пуктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија.

Покрај превентивните служби, во Поликлиниката ќе се обезбедува и специјалистичко–консултативна здравствена заштита. Опремени се биохемиска лабораторија, кабинет за рендген дијагностика, ОРЛ кабинет и кабинет за дерматовенерологија.

За успешно функционирање на поликлиниката обезбеден е и стручен медицински кадар, за што во декември, минатата година беа реализирани 26 нови вработувања од разни профили, како што се: доктори на медицина, медицински сестри, лаборанти и друг кадар наменети за Поликлиника Сарај.

Максимално сме посветени кон зајакнување на јавното здравство преку подобрување на инфраструктурата, набавка на нова опрема, нови лекови и вложување во човечкиот капитал. Со истото темпо продолжуваме и во следниот период, истакнува Меџити.

Треба да знаете
Последни објави