Министерката за одбрана Славјанка Петровска не е задоволна од постапките на судот за насилството во Македонската навигација.
„Во однос на одлуките што ги донесе судот, лично јас не се сложувам и мислам дека треба да си ја преиспитаат одлуката, не сакам од позиција на министерка да влијаам на одлуките на судството но мислам дека целата оваа ситуација треба малку посериозно да ја сфатат“ порача денес Петровска додавајќи дека Министерството за внатрешни работи професионално ја завршило работата за овој случај и дека сега се на ред другите институции до крај да го расчистат случајот.
Петровска порача дека Владата го реализирала она што минатата недела го најавила, односно дека директорите се разрешени и на нивно место се поставени нови директори.
„Јас кажав и минатата недела дека нема компромис со безбедноста на македонското небо и впрочем и на вчерашната седница на влада се оствари она што го најавивме во соопштението. Се одржа седницата, беше даден предлог од претседателот на Владата за разрешување на директорите, тие беа разрешени и на нивно место беа поставени нови директори“ посочи Петровска, повикувајќи ги сите политички партии да не го користат овој случај во дневно партиски цели.