Геранската индустриска и трговска комора (ДИХК) предупреди на можни прекини на производството и недостиг поради конфликтот во Црвеното Море. „Најголемите делови од европско-азискиот сообраќај минуваат низ Црвеното Море и Суецкиот канал, така што важните делови и суровини за германската индустрија во моментов не пристигнуваат навреме“, рече претставникот на ДИХК, Фолкер Трејер.
Тој рече дека подолгото време на испорака и зголемените трошоци за транспорт и осигурување наскоро би можеле да се рефлектираат во зголемувањето на цените. „Првите магацини се веќе празни и видливо е влијанието врз производните процеси“, рече Трејер. Претходно, производителот на автомобили „Тесла“ објави дека има прекин на производството во нивната фабрика во Груенхајд, во близина на Берлин, поради доцнење на делови од Далечниот Исток.
Според информациите на економскиот институт IfW, контејнерскиот сообраќај низ Црвеното Море е намален за 70 отсто, а најголемата германска бродска компанија Hapag-Lloyd зборува за месечни загуби во „висока двоцифрена милионска сума“.
Истовремено, претставникот на Трговскиот сојуз на Германија, Стефан Гент, нагласува дека и покрај намалениот сообраќај од Далечниот Исток, потрошувачите не мора да стравуваат од недостиг во малопродажбата. „Малопродажните синџири одамна се преориентираат на повеќе синџири на снабдување, така што снабдувањето не зависи само од еден извор“, рече Гент.
Празните полици во продавниците за самопослужување во некои германски региони оваа недела се првенствено резултат на блокадите на германските автопати поради протестите на земјоделците.