Најреткиот кит на светот неодамна беше фотографиран на брегот на Тајланд по втор пат во историјата. Група туристи на чартер брод во близина на Пукет забележале мистериозно бело суштество додека биле на новогодишно патување, пишува Daily Mail.
Снимиле пар китови на Омура како заедно пливаат во Андаманското Море, а еден од нив бил целосно бел по боја. Тие го испратиле видеото до претставниците на организацијата за зачувување на животната средина ThaiWhales, кои го споделија на социјалните мрежи на почетокот на јануари.
„Ова е револуционерна вест, прва од ваков вид и возбудливо морско откритие“ напишаа во описот на видеото кое можете да го погледнете подолу.
Според преставниците од ThaiWhales, ова е првпат целосно бел кит Омура да биде забележан во Тајланд. Појавата на овие китови подоцна беше пријавена во Одделот за морски и крајбрежни ресурси на Тајланд, кој започна потрага по уникатното животно.
По неколкудневна потрага, официјалните лица рекоа дека не го нашле, но забележале уште најмалку четири китови Омура во областа. Тие пливаат и се хранат во близина на островите Фи Фи, островот Меден Месец и островот Корал.
Китовите на Омура се последниот вид цицач што е идентификуван, според експертите. За првпат биле видени во 2003 година, кога нивните останки биле заглавени на брегот, а во 2015 година биле забележани и живи единки.
Многу малку информации се познати за китовите на Омура, така што научниците не се сигурни во нивната популација и варијација во изгледот.