Во исландскиот град Гриндавик куќи се запалија откако се отворија две пукнатини по вулканска ерупција и излевање на лава, а нивото на тревога е подигнато на највисоко ниво.
Вулкан на полуостровот Рејкјанес во Исланд еруптираше рано наутро во неделата и лава се излеа во рибарскиот град Гриндавик, јави Би-би-си. Целото население на градот беше евакуирано претходно, а бариерите што беа изградени по ерупцијата во декември делумно ја задржаа лавата, но некои беа пробиени.
Главниот пат во Гриндавик беше отсечен од излевањето на лава. Новинарот и вулканолог Робин Ендрјус изјави за Би-би-си дека протокот на вулканска лава од двете пукнатини моментално не покажува „никаков знак на забавување“.
Ендрјус предупреди дека ерупцијата може да ги влоши здравствените проблеми на луѓето со респираторни проблеми бидејќи вулканската активност ослободува гасови како што е сулфур диоксидот што ги иритира кожата, очите, носот и грлото.
Исландскиот претседател Гудни Јохансон повика на солидарност со оние кои не можат да останат во своите домови поради вулканската ерупција за време на обраќањето до нацијата во неделата. Јоханесон рече дека очекува ситуацијата да се смири.
Премиерката на Исланд Катрин Јакобсдотир рече дека владата ќе се состане денеска за да разговара за обезбедување станови за евакуираните жители. Неделната ерупција беше петта што се случи по полуостровот Рејкјанес од 2021 година.
На ерупцијата во вулканскиот систем Сварценги во декември и претходеа силни земјотреси. После тоа, беа подигнати бариери околу вулканот за да се насочи лавата подалеку од Гриндавик, кој има околу 4.000 жители.
Авионските летови во Исланд не беа откажани по ерупцијата. Летовите од аеродромот Кефлавик во близина на вулканот се одвиваа нормално. Во Исланд има 33 активни вулкани.