Леден бран во Америка: Затворени канцеларии на федералната влада, училишта, има мртви

Опасно ниски температури се измерени во Карпестите планини, американскиот среден запад и централниот дел на САД – минус 34 степени Целзиусови.

Повеќе од 120.000 домови и бизниси останаа без струја во Орегон, Тексас и Луизијана. Сообраќајот е во прекин и властите апелираат до луѓето да избегнуваат возење, бидејќи патиштата се опасно лизгави, а снегот и мразот може да предизвикаат паѓање на дрвја и далноводи.

Наставата беше откажана во вторникот за учениците во Портланд, но и во другите поголеми градови – Чикаго, Денвер, Далас, Форт Ворт, низ Нова Англија, Њујорк и Вашингтон. Канцелариите на федералната влада беа затворени и во Вашингтон.

Најмалку четири лица загинаа во Портланд поради екстремно ниските температури. Во Висконсин починаа тројца бездомници, најверојатно од хипотермија. Во Кентаки, полицијата користеше хеликоптери за да ги спаси камперите од снежното невреме, а во Луизијана се обидуваше да ги премести возилата од завеаните мостови и патишта.

Замрзнат дожд и лапавица се очекуваат и во среда во југоисточниот дел на САД. Издадени се предупредувања за зимско невреме за Алабама, Тенеси, Арканзас, Луизијана, Мисисипи.

Умерени до обилни снежни врнежи се предвидуваат од Средниот Атлантик до Нова Англија. Во Њујорк се предвидува да наврнат и до 20 сантиметри снег.

Во областите на Карпестите Планини и Средниот Запад повторно се очекуваат температури околу минус 30 Целзиусови степени.

Авиосообраќајот низ САД беше нарушен, а летовите беа одложени или откажани. Сајтот за следење летови FlightAware регистрирал 3.300 откажувања на летови само во понеделникот, а 1.300 откажувања биле регистрирани на американскиот источен брег само во вторникот наутро.

Студот се очекува благо да се намали до средината на неделата, но за викендот се очекува нов бран мраз.

Треба да знаете
Последни објави