На социјалните мрежи последниов месец граѓанои од скопската општина Ѓорче Петров постојано објавуваат фотографии од мрачни улици низ општината.
Речиси и да нема населено место низ општината каде што сервисни, но и важни улици се без улично осветлување.
Во мрак е потонат и централниот дел на населба Ѓорче Петров од кружниот тек кај поликлиниката па се до надвозникот кон населба Даме Груев.
Освен главната улица сите други улици во населбата Дексион се без улично осветлување, а граѓани се жалат дека и во населените места Волково и Стопански двор речиси повеќе од половина од улиците се без улични светла.
„Дексион не постои за градоначалникот Стојкоски, жителите од овој дел немаат улично осветлување повеќе недели, некои улици изгледаат како да се од хорор филм“ се вели во една од објавите.
Освен што ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, мрачните улици ја загрозуваат и општата безбедност, ја зголемуваат опасноста од кражби, но и напади од бездомни кучиња.
И покрај бројните поплаки од граѓаните, локалната власт се уште го нема решено проблемот, па враќањето од работа или од училиште за некои жители од Ѓорче Петров е сериозно стресна ситуација.