Обилниот снег и замрзнатиот дожд го пореметија сообраќајот во Скандинавија и Германија

Силен снег и замрзнат дожд денеска погодија делови од северна и централна Европа, со што беше запрен сообраќајот во некои скандинавски региони и предизвикаа големи прекини на аеродромите во Франкфурт и Осло.

На аеродромот во Франкфурт, најпрометниот во Германија, замрзнат дожд спречи полетување, објави новинската агенција ДПА. Имаше летови во попладневните часови бидејќи дождот се намали, но стотици беа откажани претходно.

Во Осло, Норвешка, аеродромот беше привремено затворен бидејќи обилниот снег ја намали видливоста. Портпаролката на аеродромот Илва Селиус Трулсен рече дека е „многу необично“ обилниот снег и ветер да го нарушуваат сообраќајот и дека откажувањата на летовите се „исклучително ретко“. Аеродромот беше повторно отворен во текот на денот.

Обилните снежни врнежи го запреа сообраќајот во големи делови на Скандинавија. Возачите останаа заглавени на патиштата и автопатите, јавниот превоз доцнеше, некои линии на траекти беа откажани, а некои мостови беа затворени.

Полицијата во неколку делови на Данска ги повика луѓето да останат дома. Обилни снежни врнежи го погодија и југот на Шведска.

Рано утринава замрзнатиот дожд низ западна и јужна Германија беше причина за многу сообраќајни несреќи на замрзнатите патишта. Многу училишта и градинки се затворени како мерка на претпазливост, а некои компании им понудија на вработените да работат од дома.

Германската национална железница Дојче Бан откажа неколку возови на долги релации и објави дека максималната брзина на нејзините брзи возови е ограничена на 200 километри на час во остатокот од денот како мерка на претпазливост.

Малиот аеродром во Сарбрукен беше затворен до крајот на денот, а доцнења и откажувања на полетувања имаше и во Минхен и во други градови.

Треба да знаете
Последни објави