Отпаѓа ли Пендаровски од можен кандидат на СДСМ за претседател на државата?

Во најголемата владејачка партија СДСМ во тек е процедурата за номинирање кандидати за претседател на државата од страна на членството во општинските организации.

Во јавноста, низ медиумите, сега за сега се провртеа десеттици имиња кои членството на партијата ги има предложено како кандидати за претседател а меѓу нив се Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Фатмир Битиќи, Венко Филипче, како и актуелниот претседател Стево Пендаровски. 

Но она што 24инфо го дознава од извори од СДСМ е дека поддршката за Стево Пендаровски од членството на партијата е многу мала, односно дека многу мал процент од предлозите од партиското членство отпаѓа на Пендаровски. 

Природно, многу поголема поддршка имаат кандидатите кои се долго време во партијата и имаат своја партиска структура, особено во општините и изборните единици од каде што доаѓаат. 

Пендаровски ја нема таа структура внатре во партијата, што претставува негов своевиден хендикеп во внатрепартиската трка за евентуален претседателски кандидат.

Дека односите меѓу Пендаровски и СДСМ не се на високо ниво, може да се протолкува и преку последните прозивки помеѓу Ковачевски и Пендаровски во однос на решавањето на проблемот со патните исправи. 

Додека Пендаровски е на форумот во Давос, неговиот кабинет вчера полемизираше со премиерот Ковачевски за тоа кој презел а кој не обврска да разговара со Грција во однос на рокот на важност на патните исправи и личните документи кои не се со уставното име. 

Покрај номинацијата на кандидати од членството, СДСМ прави и истражувања на јавното мислење, тестира имиња кои би имале најмногу шанси да победат на претстојните претседателски избори. 

Секако, она што е исто така важно е името со кое СДСМ ќе излезе на изборите, да биде прифатено и од страна на коалициските партнери, особено од ДУИ, партија која се уште мери и премерува како да настапи на парламентарните избори и дали во првиот круг од претседателските избори би настапила со свој кандидат. 

Следните неколку недели партиските тела и органи на СДСМ ќе бидат со полни раце работа, а конечниот предлог за претседателки кандидат на СДСМ треба да се потврди на конгрес на партијата.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а досега единствена јавно потврдена кандидатура е на докторот Вело Марковски кој ќе собира потписи како независен кандидат.

Треба да знаете
Последни објави