Ирските власти го ослободија бугарскиот брод на кој беа запленети околу 300 килограми кокаин

Ирските власти денеска соопштија дека товарниот брод „Верила“ кој пловеше под знаме на Малта, а е во сопственост на бугарската компанија „Навибулгар“, може да продолжи со работа од пристаништето Фојнес, по запленувањето на околу 300 килограми кокаин.

Компанијата изрази благодарност за брзата реакција на ирските истражни органи кога станува збор за идентификација на лица одговорни за трговија со дрога, пренесува Новините.

Двајца бугарски државјани, Камен Петков (35) и Никола Јорданов Пенчев (32), двајцата членови на екипажот на бродот, се појавија во Окружниот суд во Лимерик под обвинение за поседување и за поседување со цел продажба или снабдување со кокаин во пристаништето Фојнес на 19 декември.

Обвиненијата се поврзани со заплената на кокаин во вредност од 21 милион евра, кој бил откриен од царината на бродот при влегувањето во вливот на Шенон.

Компанијата „Навибулгар“ најави дека ќе покрене правна постапка против лица за кои е утврдено дека биле инволвирани во незаконски активности на бродот „Верила“.

Заплената на кокаин ги покажува предизвиците со кои се соочуваат бродските компании во спречувањето на нелегални активности на нивните бродови и ја истакнува критичната улога на соработката меѓу поморските субјекти и агенциите за спроведување на законот во борбата против трговијата со дрога на море, пишува бугарскиот портал.

Треба да знаете
Последни објави