Новоизбраната судијка во Апелација, Ристеска останува во Кривичен до објава на пресуда за „Ласкарци“

Судијката Александра Ристеска, која денеска даде свечена заклетва во Судскиот совет како нов судија во Апелација Скопје, е времено делегирана назад во Кривичниот суд, за да се спаси судењето за случајот со автобуската несреќа кај Ласкарци, за кој изрекувањето на пресудата е закажано за 25 јануари. Судскиот совет денеска одржа итна седница на кој со 10 гласа „за“ ја донесе оваа одлука. Со ова е спасен судскиот процес за автобуската несреќа кај Ласкарци, затоа што во случај кога се менува член на судечкиот совет, судењето почнува одново. Судијката Ристеска е втор член на судечкиот совет во процесот, па доколку таа не беше делегирана назад во Кривичен, судењето за несреќата ќе мораше да почне од почеток. Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година во која животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени. Обвинети се Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Како и тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, кои се товарат за соучество во истото дело.

Треба да знаете
Последни објави