Германската Бундесбанка смета дека готовинските плаќања нема да исчезнат во догледна иднина и дека е добро потрошувачите да имаат алтернатива на дигиталните плаќања. Ова е заклучокот од студијата „Кеш на иднината“, која е подготвена во име на Бундесбанк од компанијата VDI/VDE и институтот за истражување на јавното мислење Синус.
Студијата ги анализира предностите и недостатоците на три можни идни сценарија, пишува Дојче веле.
Првото сценарио, „Хипердигитален свет на плаќања“, предвидува дека готовината речиси ќе исчезне од оптек, а второто, „Ренесанса на готовина“, очекува луѓето да ги отфрлат дигиталните облици на плаќање поради заканата од хакерски напади и уништување на приватноста.
Најверојатна опција е „Постепено исчезнување на хибридниот начин на плаќање“, според кој и двата начина на плаќање ќе постојат во догледна иднина, иако безготовинското ќе биде се повеќе застапено.
За Бундесбанката и за еврозоната е сосема јасно дека во иднина треба да постои и готовина, изјави претседателот на Бундесбанката Бурхард Балц.
Неговото мислење е поддржано од финансискиот експерт на Центарот за заштита на потрошувачите во Баден-Виртемберг, Нилс Наухојзер.
Со дигиталните плаќања луѓето откриваат многу за себе и за своите навики, а сите нивни податоци остануваат во виртуелниот свет и многу тешко се бришат, а секогаш постои опасност овие информации да паднат во погрешни раце, истакна Наухојзер.