Пакистанската влада одлучи да го прекине конфликтот со Иран во кој двете земји оваа недела истрелаа проектили и беспилотни летала една на друга, велејќи дека целите на нападите биле милитантите, јави денеска телевизијата Гео, повикувајќи се на извори.
Телевизијата објави дека кабинетот предводен од привремениот премиер на Пакистан, исто така, го поддржал потегот за повторно воспоставување на целосни дипломатски односи со Иран.
Еден ден откако Иран истрела проектили врз екстремистичка група во западен Пакистан, Исламабад возврати со иста мера.
Најмалку девет лица, меѓу кои и деца, загинаа во пакистански ракетен напад врз Иран, јави иранската државна телевизија.
Пакистан рече дека неговите ракетни напади погодиле „терористички засолништа“ во иранската провинција Систан-Балучистан и дека дејствува врз основа на „веродостојни разузнавачки информации за претстојните големи терористички активности“.
Иран соопшти дека ги гаѓал локациите на екстремистичката група Џаиш ал-Адл, или Армијата на спасот, како што се нарекува.
Пакистан тогаш објави дека во нападот загинале неколку деца и рече дека иранскиот воздушен напад е незаконски чин што може да доведе до „сериозни последици“