Обвинителството од Швајцарија потврди дека е поднесена кривична пријава против израелскиот претседател Исак Херцог за време на неговиот престој на Светскиот економски форум во Давос, во време кога Израел е обвинет и за воени злосторства во Појасот Газа. Од обвинителството соопштија дека ќе го контактираат швајцарското Министерство за надворешни работи, за да разговараат околу прашањето за имунитетот на Херцог. Во соопштението испратено од подносителите на кривичните пријави, кое е насловено „Правно постапување против злосторства против човештвото“, се вели дека неколку лица поднеле кривични пријави до швајцарските федерални обвинители, како и до обвинителите во Базел, Берн и Цирих. Во соопштението до кое дојде Франс прес, не се наведува од кого е поднесена кривичната пријава.