Погодена станбена зграда во Дамаск, сириските медиуми го обвинуваат Израел

Воздушен напад денеска погоди станбена зграда во Дамаск, објавија сириските државни медиуми, обвинувајќи го Израел дека стои зад нападот.

„Нападот извршен од Израел беше насочен кон станбена зграда во областа Мазе во Дамаск“, објави сириската официјална новинска агенција Сана.

Државната телевизија соопшти дека „израелската агресија“ била насочена кон станбена зграда во западниот кварт Маза во Дамаск. Во тој кварт се лоцирани неколку дипломатски претставништва, меѓу кои и амбасадите на Либан и Иран.

Државните медиуми не соопштија дали има жртви, но невладината Сириска опсерваторија за човекови права објави дека пет лица загинале во „израелски напад“ врз зграда во Дамаск каде се одржува состанок на проиранските лидери.

„Израелска ракета погоди четирикатна зграда, при што загинаа пет лица и беше уништена целата зграда во која се состанаа проиранските лидери“, соопшти невладината организација со седиште во Велика Британија, но со голема мрежа на извори во Сирија.

Минатиот месец, во израелски воздушен напад на периферијата на Дамаск, беше убиен иранскиот генерал Сејед Рази Мусави, советник на паравоената Револуционерна гарда во Сирија. Агенцијата потсетува дека Израел во последните години цели на палестински и либански оперативци во Сирија.

Израел изведе стотици напади врз цели во областите во Сирија контролирани од владата во последните години.

Израел ретко ги признава своите операции во Сирија, но рече дека цели на базите на милитантните групи поврзани со Иран, како што е либанскиот Хезболах.

Треба да знаете
Последни објави