Пожар избувна на терминал за ЛНГ во Русија

Пожар избувна на терминал на рускиот независен производител на природен гас Новатек во пристаништето Уст-Луга во Ленинградската област, соопшти денеска гувернерот на регионот. -Нема пријавени жртви како резултат на пожарот на терминалот на Новатек во пристаништето Уст-Луга. Персоналот е евакуиран… Во округот Кингсеп е поставен режим на висока готовност, изјави гувернерот Александар Дрозденко. Гувернерот додаде дека претставници на руското Министерство за вонредни ситуации и локалната противпожарна служба се на местото на настанот за да го изгаснат пожарот, пренесува руската државна новинска агенција Тас. Веб-страницата Marine Traffic претходно објави дека до пристаништето Уст-Луга биле закотвени до пет танкери со национални знамиња на Панама, Габон, Либерија и Грција. Комплексот Уст-Луга овозможува претовар на стабилен гасен кондензат на извозните пазари. Комплексот беше пуштен во употреба во 2013 година. Неговиот капацитет беше 6 милиони тони, а по стартот на новата фабрика беше зголемен на 7 милиони тони годишно. Очевидци велат дека слушнале две експлозии пред ноќниот пожар.

Треба да знаете
Последни објави