Спасовски: Ја завршивме 2023 со инвестирани 17 милиони евра во 80 реконструирани објекти и 13 милиони евра за опрема и униформи, за 35% зголемени плати

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, беше дел од панел дискусија во рамки на владината годишна конференција „Година на европски можности”. Притоа, тој дискутираше за напредокот и реформскиот процес во МВР, како и за реализираните инвестиции.

„Со реформските процеси на оперативно рамниште 2023 година ја завршуваме со завидна бројка од 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти, со инвестирани 17 милиони евра, но отпочнат е реконструкциски зафат на Управните служби во МТВ, како и основни подготовки за отпочнување на активности во Центарот за обука во Идризово. Покрај реконструкциите, годинава можеме да се пофалиме и со два нови објекти, по веќе функционалниот ИКТ Центар во Прилеп, а тоа се – најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на Одделот за форензички испитувања и новата Полициската станица Аеродром, чија изградба од темел ја отпочнавме.
МВР е дел од системот за интероперабилност, целосно променет комуникациски систем во МВР.
По издвоените 13 милиони евра со кои во изминативе години се набавија униформи, чевли и опрема за сите организациони единици во МВР, се обезбедија дрегери и радари со уреди за ноќно снимање, се набавија интервентни, транспортни и возила за справување со нарушен јавен ред и мир, но и пловни објекти, а се изврши и комплетна модернизација на Хеликоптерската единица, меѓу другото, и со ведро и систем за гаснење пожари, кои само годинава остварија 33 летови, со налет од 98 часа и исфрлени 936 тона вода за гаснење на пожари – продолживме со инвестициите. Од неодамна, со обезбедената и монтирана медицинска опрема на еден од воздухопловите, Одделот за воздухопловни единици може да врши транспорт на пациенти по воздушен пат, исклучиво во интерес на граѓаните, со што продолжуваме да испишуваме историја. Воедно, набавивме и 20 интервентни комбиња, за потребите на сите СВР-а, кои се опремени со најнова високософистицирана опрема”, истакна Спасовски.

Тој потенцираше дека годинава се продолжи со континуирано унапредување на социјалниот статус на вработените во МВР.

„По минатогодишното зголемување на платите за 5%, годинава платите ги зголемивме во два наврати, и тоа прво линеарно, во бруто износ од 3.086 ден, а потоа за уште за 10%, согласно новиот Општ колективен договор. Овој месец беше исплатен и надоместокот за годишен одмор за 2023 за вработените во МВР. Значи, во овие 6 години на полициските службениците и вработените во МВР им се зголемија платите за 35%, преку петте покачувања на платата за сите, но и 4 дополнителни покачувања за одредени категории работни места, како и 6 редовно исплатени бонус плати, со една единствена цел – создавање задоволна и мотивирана полиција која ја гарантира безбедноста на граѓаните”, рече Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави