Досегашниот премиер Димитар Ковачевски на своите профили на социјалните мрежи го честиташе изборот на новата техничка влада.
„Честитки за новоизбраниот состав на Владата, посакувам успешна и ефикасна работа. Верувам дека ќе останат посветени на државните приоритети и ќе продолжат да делуваат активно во интерес на граѓаните, по европскиот пат кој го чекориме заедно.
Голема благодарност до членовите на Владата во мојот мандат за успешно завршената работа и успешното справување со предизвиците изминативе две години. Не беше воопшто лесно, но успеавме да направиме многу“ пишува Ковачевски.
Тој изрази надеж дека по изборите, тој повторно ќе ја предводи Владата.
„По изборите кои ќе ги спроведе оваа преодна Влада, во мојот втор мандат ќе ја предводам новата, проевропска влада, којашто ќе ја заокружи и втората стратешка цел поставена од независноста на државата – членство во ЕУ. Да живее европска Македонија“ се вели во објавата на Ковачевски.