Стасаа првите честитки за изборот на Џафери на премиерската функција во техничката влада на РСМ

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, како и други политички личности од соседна Албанија му го честитаа на Талат Џафери изборот за премиер на техничката влада во Северна Македонија. -Најискрени честитки до новата техничка влада на Северна Македонија и нејзиниот премиер, Талат Џафери. И покрај временските ограничувања и овластувањата, оваа влада има предизвик и привилегија да спроведе слободни и фер избори, да ја одржи стабилноста и евроатлантскиот курс на земјата и да ја докаже способноста да биде инклузивна и кооперативна со сите фактори, без политичка и етничка разлика, напиша Бегај на Фејсбук. На платформата Х премиерот Еди Рама го оцени изборот на Џафери го како историски момент, а поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, на Фејсбук напиша дека изразува целосна увереност дека „под негово раководство новата влада ќе преземе важни чекори за консолидирање на слободен и фер изборен процес“. Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, во објава на социјалните мрежи, оценува дека оваа одлука отвора нова ера не само во историјата на Албанците, туку и во историјата на Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави