Сe повеќе луѓе почнуваат да сфаќаат колку е важна исхраната за имунитетот, но и за менталното здравје. Психијатарот за исхрана, Ума Наиду, тврди дека многу луѓе не се свесни за тоа колку храната што ја јадеме влијае на нашата ментална благосостојба.
„Храната што ја јадеме, додека се вари, е во интеракција со трилиони микроби во цревниот микробиом и се разложува на различни супстанции кои потоа влијаат на нашето ментално здравје и благосостојба со текот на времето“, објасни Наиду за CNBC.
Таа наведе четири едноставни промени кои можеме да ги направиме во нашата исхрана за подобро здравје на мозокот.
Зголемен внес на влакна
„Прво треба да ги зголемите влакната во вашата исхрана“, вели Наиду. Таа истакнува дека најдобриот начин да се внесат влакна во исхраната е да се добијат од храна од растително потекло.
Ова се извори на храна богата со влакна: разнобоен зеленчук како зелен лиснат зеленчук, грав и други мешунки, ленено семе и здрави цели зрна.
Повеќе полифеноли
Наиду препорачува да се јаде шарена храна која е богата со полифеноли. Некои од изборите се: моркови, боровинки, јагоди, јаткасти плодови и црни маслинки.
„Сите овие намирници се важни бидејќи имаат антивоспалителни и антиоксидантни својства“, истакна таа.
Храна богата со пробиотици
Пробиотиците придонесуваат за здрави црева, а здравото црево е одлично за добро здравје на мозокот. Можеме да добиеме повеќе од овие здрави бактерии од ферментирана храна како јогурт, кефир и комбуха.
Користење на повеќе билки и зачини
Еден од наједноставните начини за подобрување на здравјето на цревата, кој исто така може да го промовира доброто здравје на мозокот, е да додадете повеќе зачини и билки во вашата исхрана, вели Наиду. „Тоа е нешто што луѓето често го занемаруваат“, рече таа. На крајот, таа препорачува неколку зачини, меѓу кои куркума, оригано, магдонос, ѓумбир и лук.