Иранската мисија во Обединетите нации денеска соопшти дека Техеран не е вклучен во нападот со беспилотно летало во кој загинаа тројца припадници на американската војска во североисточниот дел на Јордан, во близина на сириската граница.
Во соопштението објавено од државната новинска агенција ИРНА, мисијата наведува дека Иран нема никаква врска со нападот на американската база.
Оттаму, исто така, додаваат дека „постои конфликт меѓу американските сили и групите на отпорот во регионот, кои возвраќаат на нападите“.
Американскиот претседател Џо Бајден ги обвини групите поддржани од Иран за нападот со беспилотно летало врз американските сили, во кој загинаа тројца припадници на американската војска, а многумина беа ранети.
Нападот претставува натамошна ескалација на и онака напнатата ситуација на Блискиот Исток, каде што избувна војна во Газа по нападот врз Израел на 7 октомври од страна на палестинската исламистичка група Хамас.