Вработените во царинската испостава на аеродромот во Минхен биле изненадени од она што откриле во багажот на еден патник.
Имено, во куферот на 66-годишен пензионер, инаку државјанин на Украина, пронашле снопови со банкноти во вредност од дури 455.000 евра.
Тој претходно пријавил дека кај себе има околу 300 евра. Но, откако едно лице му пришло и му предало мало куферче, тоа кај цариниците предизвикало сомнеж. При проверка на рачниот багаж ги пронашле споменатите пари.
„Човекот не дал никакви информации за потеклото на парите“, изјави Мари Милер, портпаролка на главната царинска испостава во Минхен.
Против пензионерот кој имал намера да полета за Кипар, е поведена прекршочна постапка, а истрагата за инцидентот се уште трае. Билд пишува дека не се знае дали се работи за обид за перење пари и на кого му припаѓаат запленетите банкноти.