Израелската армија (ИДФ) денеска официјално објави дека пумпала морска вода во одредени тунели во Појасот Газа, што е јавна тајна веќе неколку недели.
Неколку единици на ИДФ и претставници на израелското Министерство за одбрана заеднички развија „алатки за инјектирање вода со голем проток во тунелите на Хамас во Појасот Газа“, соопшти војската, додавајќи дека тоа е „дел од алатките што ИДФ ги има за да се справи со тунелите“, објави „Тајмс оф Израел“.
ИДФ изјави дека не се поплавени сите тунели и дека процесот вклучува прицврстување на пумпи и цевки на „соодветните тунелски шахти за да се заврши задачата“.
Војската, исто така, рече дека пред да го поплави тунелот, спроведува „професионални и сеопфатни“ превентивни проверки, вклучително и анализа на системот на почвата и водата во областа, за да се осигура дека подземните води не се контаминирани.
Поплавувањето на тунелите е само еден од методите за неутрализирање на подземните способности на Хамас, истакнуваат од ИДФ.
Израелската војска вели дека другите методи вклучуваат „воздушни напади, подземни маневри и специјални операции со технолошки средства“.
Волстрит журнал во декември објави дека ИДФ почнала да пумпа морска вода во системот на подземни тунели на Хамас.
Една недела подоцна „Тајмс оф Израел“ дозна дека тестот бил успешен